Францускиот претседател Емануел Макрон го откри својот план да донесе закон со кој татковците ќе можат да бидат дома еден месец кога ќе пристигне новороденчето.
Макрон истакна дека интимните моменти на родителите и нивните новородени бебиња се многу важни.
„Кога ќе се роди бебе, нема причина само мајката да се грижи за тоа. Важно е да се овозможи поголема еднаквост во поделбата на одговорностите“, рече францускиот претседател.
Оваа објава стави крај на дебатата за првите 1.000 дена од животот на детето, што се одржа во Франција.
Во септември, невропсихијатарот Борис Сирник, во извештајот нарачан од владата на Макрон, сугерираше дека на татковците треба да им се дозволи девет недели платено отсуство за грижа на деца.
Д-р Сирник ги поздрави мерките најавени од претседателот, иако тие се многу помалку амбициозни од предлозите утврдени во извештајот.
„Тоа е почеток. Работите се движат постепено – не можат да се изведат одеднаш. Присуството на таткото е многу поважно отколку што мислевме, и многу порано отколку што верувавме“, нагласи д-р Сирник во интервју за Радио Франс Интернешнл.
Во моментов, во Франција, татко може да користи 14 слободни денови по раѓањето на детето, а Макрон сака тој број да се зголеми двојно – на 28. Покрај тоа, татковците ќе добиваат дневници од државниот буџет за здравствено осигурување. Минималното и задолжително платено отсуство ќе трае седум дена.
„Времето е важен фактор за воспоставување врска помеѓу дете и родител. Овие 14 дена се премногу кратки “, рече Макрон.
Според најавата на претседателот, компаниите што не им дозволуваат на своите вработени да земат седум дена платено татковско отсуство, ќе бидат казнети со 7.500 евра.
Според Њујорк Тајмс, татковците можеле да користат татковско отсуство во Франција од 2002 година, но се проценува дека го користат околу 70 проценти од татковците.
Кога продолжувањето – што важи и за истополови парови – ќе стапи на сила следниот јули, Франција ќе им се придружи на Литванија и Шпанија, нудејќи им на татковците четири недели платено отсуство.
Но, Франција сепак ќе заостане зад неколку земји, вклучувајќи ја Португалија, која нуди до пет недели и Финска, која во моментов им овозможува на татковците до девет недели. Во февруари, финската влада, предводена од жени, објави дека татковството ќе се продолжи на седум месеци следната година.
Во Германија, сите родители можат да земат до 14 месеци платено отсуство, кое можат да го споделат едни со други. Шведска има сличен систем, на паровите им е дозволено да споделат родителско отсуство до 480 дена.