Американскиот претседател Доналд Трамп накратко излезе од воената болница „Волтер Рид“, во која е хоспитализиран поради коронавирус, и од автомобил ги поздравил своите приврзаници.
– Претседателот Трамп кратко се провози во колона возила со цел да ги поздрави своите приврзаници пред болницата и веднаш се врати во претседателскиот апартман во медицинскиот центар „Волтер Рид“, соопшти Белата куќа по „кратката прошетка“ на американскиот претседател.
Тој е забележан во колоната возила, која полека минала покрај болницата, каде биле собрани негови приврзаници.
Своето ненадејно излегување го снимил и го објавил во кратко видео на Твитер.
– Мислам дека малку ќе ги изненадиме некои големи патриоти кои се на улица, напишал Трамп на Твитер и им заблагодарил на лекарите.
Новинарите акредитирани во Белата куќа упатија критики до Трамп бидејќи не биле известени за неговото кратко и ненадејно излегување од болницата.
– Ова е преседан претседателот да ја напушти болницата, дури и на кратко, среде здравствена криза без мерки, и да им се овозможи на американските граѓани да знаат каде е нивниот претседател и како е тој. Американската јавност сега заслужува повеќе од кога било да биде независно информирана за претседателот и да добие вистинска информација за неговото здравје, се наведува во соопштението на новинарите.
Невообичаено е новинарите кои се акредитирани во Белата куќа да не го следат движењето на шефот на државата.
Габриела Точко