Истакнат белоруски опозициски активист, притворена иранска адвокатка за човекови права, заедно со активисти од Никарагва и САД, се годинашниве добитници на Наградата за правилна егзистенција (Right Livelihood Award), која се смета за алтернативна Нобелова награда, соопшти денеска фондацијата за доделување на тоа признание.
Меѓу добитниците се и Алеш Бјалацки и Центарот за човекови права Вјасна, кој тој го предводи, за „решителна борба за остварување на демократијата и човековите права во Белорусија“.
Иранската адвокатка Насрин Сотудех, која бранеше активисти, опозициски политичари и жени обвинети поради неносење марами, ја доби наградата за „бестрашен активизам, под голем личен ризик, во промовирање на политичката слобода и човековите права во Иран“.
Претходно овој месец, 57-годишната Сотудех беше префрлена од затвор во болница северно од Техеран по штрајк со глад за подобри затворски услови и ослободување на политичките затвореници во период на пандемија. Во меѓувреме, таа го прекина штрајкот со глад што го започна во средината на август.
Сотудех беше уапсена во 2018 година под обвинение за заговор и пропаганда против иранските владетели и е осудена на 38 години затвор и 148 удари со камшик.
Наградата е доделена и на американскиот адвокат за граѓански права Брајан Стивенсон за неговите „инспиративни напори за реформа на американскиот криминален систем и унапредување на расното помирување соочено со историска траума“.
Активистката за екологија и човекови права Лоти Канингем Рен од Никарагва е четврта лауреатка, а наградата се доделува „за нејзината неуморна посветеност на заштита на домородната земја и заедниците од експлоатација и кражба“.
– Овогодинешните лауреати се обединети во нивната борба за еднаквост, демократија, правда и слобода. Со спротивставување на правните системи и диктаторските политички режими, тие успешно ги зајакнаа човековите права, го зајакнаа граѓанското општество и ја осудија институционалната злоупотреба, изјави извршниот директор на Фондацијата и внук на основачот Уле фон Укскул.
Тој рече дека наградата ги потенцира зголемените закани за демократијата на глобално ниво.
-Крајно време е сите ние што ја поддржуваме демократијата ширум светот да застанеме и да се поддржуваме едни со други, рече Укскул.
Победниците ќе добијат по 110. 000 долари, а церемонијата на доделување на наградите ќе биде организирана виртуелно на 3 декември.
Наградата е востановена од шведско-германскиот филантроп Јакоб фон Укскул во 1980 година со цел да им се оддаде препознае луѓето за нивната работа во области за кои не може да се додели Нобелова награда.
Меѓу претходните добитници на оваа награда е шведската активистка за животна средина Грета Тунберг.