Премиерот на Република Северна Македонија Зоран Заев кон крајот на септември или почетокот на следниот месец, ќе оствари билатерална средба со српскиот претседател Александар Вучиќ.
Како што потенцираше премиерот Заев при неговата денешна посета на Куманово, средбата ќе биде со цел продолжување на проектот за билатералната соработка на земјите од регионот.
– Верувам дека треба да ги раздвижиме, работиме на административно тргање на бариерите, пред се на граничните премини, поврзани со брзиот проток на стока и патници и верувам дека на тие средби веднаш ќе имаме информација да дадеме и од српската страна кога тоа би можело да биде завршено, изјави Заев.
На новинарско прашање, Заев рече дека Македонија е подготвена за изградба на граничниот премин Лојане – Миратовац, но дека деталите кога тоа би можело да се заврши ќе бидат разговарани на средбата со Вучиќ.
– Од наша страна ние сме подготвени, верувам на првата билатерална средба со Република Србија ќе ги дефинираме и нивните активности кога тоа треба да се заврши од двете страни, рече Заев.
Инаку за овој граничен премин министрите за внатрешни работи на двете земји, Оливер Спасовски и Небојша Стефановиќ веќе ги потпишаа билатералните договори.
Никола Ивановски