Почнаа со работа објектите од јавната општинска установа „Ангел Шајче“, согласно протоколите за функционирање во услови на пандемија Ковид 19.
Обично преполните детски градинки во Куманово, денеска беа полупразни. Помала група на деца со воспитувачките во дворот на објектот „Развигорче“ учеа како да ги мијат рацете преку песна, друга група со две воспитувачки стоеја на поголема раздалеченост во круг.
– Новата воспитна образовна година почнува денес, согласно пропишаните и донесените протоколи. Годинава почнуваме да работиме со деца чии што родители донесоа изјави дека двајцата се вработени кои работат на позиција без можност за работа од дома и медицинска потврда. Досега имаме доставено изјави за 253 деца. Денеска присутни се 171 дете, изјави директорката на градинката Марина Алексовска.
Проектираниот капацитет согласно новите протоколи е 753 деца на ниво на установата. Во јаслените групи не смее да има повеќе од шест деца, а во градинските само 15 деца. Покрај протоколите на Владата и Министерството за труд и социјална политика и детската установа подготвила протоколи.
– Се потрудивме сериозно да ги осмислиме протоколите, ако случајно има појава на дете со симптом на коронавирус не сакаме од една група, целиот објект да се претвори во кластер. Давателите на услугите, воспитувачот и негувателот се исклучиво во своја група, а други лица вршат прием на децата со мерење на температура и кои вршат испраќање. Храната се дистрибуира до занималната, така што никој нема пристап до децата. Кога децата се надвор, тогаш се дезинфицира просторот, појаснува Алексовска.
Со препораките на надлежните упатени до локалната самоуправа, ако се исполни проектираниот капацитет, тогаш ќе биде потребно да се преадаптираат некои установи. Кумановската градинка ќе преадаптира шест трпезарии кои ќе се користат како градински групи, како и двата центри за ран детски развој, со што ќе се добијат вкупно десет занимални и ќе се овозможи простор за згрижување на дополнителни 150 деца.
Протколите се достапни на веб страната на установата.
Лани и претходните години градинката „Ангел Шајче“ беше преполна, со над 1.500 деца. Речиси секоја година родителите бараа отварање на нови капацитети, а градинката редовно бараше согласност од Советот на општината за прием на деца над проектираниот капацитет.
МИА