Показна вежба за пружање помош на повредени лица во сообраќајна несреќа организираа денеска на градскиот плоштад во Куманово, Секторот за внатрешни работи, Територијалната противпожарна единица, Итната медицинска помош, Црвениот крст и ученици од повеќе основни училишта кои се дел од училишната сообраќајна единица.

Вежбата се организираше под покровителство на Советот на општина Куманово и е дел од проектот „Заедно за граѓаните”, а традиционално се одржува петти пат по повод Денот на независноста.

Целта беше да покаже отвореност и достапност на државните институции во рамки на градот, нивна меѓусебна координација, да ја зајакне свеста кај граѓаните за соработка со институциите кои први пружаат заштита и безбедност за кумановци.

Оваа година за прв пат во рамките на настанот учествуваа и претставници на Мото клуб „Мечки“ кои придружувани од полицијата дефилираа низ кумановските улици под мотото „Вистинските мотоциклисти возат одговорно и секогаш носат кацига“.

Присутните се запознаа и со дел од опремата и материјално-техничките средства со кои располагаат институциите.



Текст/фото: Никола Ивановски

