Градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски денеска се сретна со директорите на кумановските училишта, при што на состанокот беа разгледувани сите можни опции за спроведување на воспитно-образованиот процес од почетокот на следниот месец.
Како што потенцираше Димитриевски ќе се даде максимум, од директорите и вработените во училиштата, да се воспостави образовен процес на максимално ниво согласно протоколите на владата, но и со просторот со кој се располага, да се намалат контактите на самите ученици.
– Се надеваме дека училишната година ќе отпочне, јас лично како човек и градоначалник поддржувам учениците да посетуваат настава, бидејќи сметам дека ковид кризата и епидемијата е една реалност во која живееме и се соочуваме, штом не успеавме истата епидемија да ја спречиме во самиот нејзин зачеток, тогаш мора да се соочиме реално со неа, но притоа да ги почитуваме максимално мерките на епидемиолозите. За жал сведоци сме дека не се почитуваат, ќе биде тешко, но со дополнителни обуки на персоналот и самите ученици ќе се обидеме да направиме повеќе, изјави Димитриевски.

Општината во рамки на својот буџет ќе направи репрограм на средства и ќе обезбеди средства за дезинфекција на просториите и за дезинфекција на рацете на самите ученици, како и дополнителна опрема, поврзување со оптички кабли и интернет конекција на училиштата каде постои можност за такво нешто.
По пат на донација, како што посочи градоначалникот обезбедени се 100 таблети кои ќе се користат во наставата.
– Ќе упатиме писмено барање до Министерството и до Владата да се обиде во една брза и кракторочна постапка да набави поголем број технички средства, бидејќи за да давате онлајн настава вие како професор треба да сте опремени со одредена опрема. Во моментот во најголем дел таквата онлајн поддршка се дава врз база на опремата која самите професори ја поседуваат лично, изјави Димитриевски.

Општина Куманово во текот на изминатиот период спровела анкета меѓу родителите при што над 80 отсто од нив се изјасниле за физичко следење на наставата.
– Ние мора да се обидеме да израснеме генерација на млади луѓе кои ќе бидат образовани и во оваа ковид криза. Факт е дека во моментот отсуството од настава генерира сериозни проблеми, особено во делот на секојдневното воспитување на нашите најмлади и час поскоро мораме да се организираме, додаде тој.

Сепак доколку некој ученик излезе позитивен, согласно протоколите целото одделение ќе биде ставено во изолација, а училиштето може да биде затворено.
– По препораките на министерството секое училиште ќе има различен пристап во зависност од условите што ги исполнува и сметаме дека оние училишта што исполнуваат услови каде има поголем број паралелки, а помал број ученици тие исполнуваат услови сите ученици да ја посетуваат наставата, во спротивно во оние училишта каде што имаме паралелки со голем број ученици, таму ќе мора да имаме редуцирана настава за да можат учениците да доаѓаат, но да не се создава ризик на блиски контакти, односно да се редуцира бројот на учениците во паралелките и на тоа работат самите директори имаат овласутава од министерството, јас како градоначалник давам дополнително мислење на програмите и тие ќе одат на советот, откако ќе бидат одобрени ќе бидат реализирани, изјави Димитриевски.

Наставниците, како и сите останати кои се вклучени во образовниот процес, а кои се хронично болни ќе ја изведуваат наставата оналјн.
Никола Ивановски

