Времето во Македонија денеска ќе биде сончево и многу топло со мала локална облачост, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 20, а максималната ќе достигне од 30 до 38 степени.
УВ индексот ќе биде многу висок со коефициент 9.
Во Куманово и околината денеска ќе имаме претежно сончево и многу топло време. Максималната дневна температура ќе достигне 33 степени целзиусови.
Според УХМР, до средината на следнава седмица времето ќе биде сончево и многу топло со дневни температури кои насекаде ќе бидат над 30 степени.
Во втората половина од седмицата во попладневните часови ќе има локален пороен дожд и грмежи, а дневните температури ќе се спуштат за неколку степени.
Какво ќе биде времето во Куманово оваа седмица?
Времето во Куманово оваа недела ќе биде „пеколно“ топло и тоа почнувајќи од денеска кога максимумот ќе достигне 33 степени.
Утре ќе има мал пад на температурата, но и натаму ќе биде топло и претежно сончево. Дневната максимална температура ќе се движи околу 30 степени.
Среда носи уште потопло време со максимална дневна температура од 34 степени, додека најтопло сепак ќе биде в четврток кога дневниот максимум ќе достигне 35 степени целзиусови, но и слаби услови за попладневна нестабилност.
Услови за врнежи проследени со грмежи ќе има и в петок кога дневниот максимум ќе се искачи до 34 степени.
Сабота носи мал пад на дневната температура која ќе изнесува 31 степен, но со наоблачување во попладневните часови кое може да донесе врнежи од дожд во комбинација со електрични празнења.
Веќе во недела летото ќе оди „на пауза“, па така ќе има и позначителен пад на температурата. Дневниот максимум ќе достигне 27 степени, првенствено поради врнежливото време во текот на денот.
Никола Ивановски