Од страна на „Македонски Шуми“ е дадено одобрение за сеча на шума во еден од најпрекрасните и најзелени предели во кумановскиот регион. Станува збор за шумата во селото Длабочица, општина Старо Нагоричане – во непосредна близина на единствениот водопад во нашиот крај, реагираат загрижени планинари кои информацијата ја доставија до медиумите.
– Иако веќе бевме сведоци, во изминатите неколку години, на неселективно систематско уништување и соголување на преубавата шума, сепак не очекувавме дека истото ќе дојде и до најпрекрасниот и недопрен дел од природата околу самиот водопад. Шумата и водопадот во Длабочица претставуваа едни од ретките места на недопрена природна оаза во нашиот регион, каде луѓето имаа прилика да пешачат и да уживаат во природните убавини надвор од градскиот метеж, стои во соопштението со потпис од група планинари.
Според тврдењата на планинарите, веќе е пробиен и создаден пат за тешки товарни возила и веќе е упропастена природната камена подлога околу водопадот и самата река.
– Во најскоро време може да очекуваме и соголување на шумата околу самиот водопад, со што ќе биде нанесена непоправлива штета на оваа ретка природна оаза. Ова зборува за безосетноста и деструктивната тенденција присутна во сите пори на нашето општество која не остава ништо убаво, корисно и вредно да егзистира, напротив се она што има вакви својства мора да биде бездушно уништено, стои во соопштението.
Од „Македонски шуми“ добиле краток одговор дека се е според процедура и дека сечата е во интерес на државата и дека овој предел е маркиран за сеча.
Известување за состојбата, планинарите доставиле и до локалната самоуправа на Старо Нагоричане како и планинарските друштва од Куманово во обид да го спречат планираното уништување.
Прашања за оваа тема нашата редакција во меѓувреме упати и до Министерството за шумарство, земјоделство и водостопанство, како и до Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.
Никола Ивановски