Претседателот на Општинскиот комитетна ВМРО-ДПМНЕ Куманово, Бране Петрушевски денеска на прес конференција презентираше дел од програмата за парламентарните избори која го носи името „Обновата на Македонија“.
Како што појасни Петрушевски, програмата има над илјада проекти и зад неа стои партијата и цел експертски тим. „Обновата на Македонија“ ќе се фокусира на раст на БДП од 4-5 отсто годишно, намалување на стапката на невработеност, зголемување на платите за 25% во период од четири години, домашни и странски инвестиции во износ од 4 милијарди евра за период од 4 години, високи и стабилни субвенции за земјоделците и модернизација на земјоделскиот сектор, крупни инвестиции во патната, енергетската и комуналната инфраструктура, зголемувања на пензиите, подигање на квалитетот на здравствените услуги, инвестиции во образованието како и поттикнување на иновациите, научноистражувачката работа и примената на новите технологии и заштита на животната средина.
– Обновата на Македонија ќе значи обнова на духот, победа над просечноста и статус кво политиките, обнова на вредностите, но и обнова на идеалите. Обнова која ќе донесе повеќе за секого и промени кои ќе ја направат Македонија онаква во каква што сакаме сите да живееме, изјави Петрушевски.
Во Изборната единица 2 каде се наоѓа и Општина Куманово, носител на листата е Владо Мисајловски, по него следува Рашела Мизрахи, а на третата позиција е токму претседателот на локалниот огранок на партијата Бране Петрушевски.
Други кумановци на листата се и претседателот на ДПСМ Иван Стоиљковиќ на 4-тата, магистарот на филилошки науки Кети Димковска на 10-тата и дипломираниот професор по физика Тихомир Алексовски.
Како што најави првиот човек на ОК ВМРО-ДПМНЕ Куманово, Бране Петрушевски, ќе водат кампања согласно пропишаните здравствени протоколи во време на пандемија.
– Кампањата ќе ја водиме користејќи нови дигитални алатки и социјални медиуми. Посетите на домовите на граѓаните ќе ги замениме со промотивни штандови поставени на голем број локации достапни до сите граѓани. Во нашата кампања ќе нема масовни собири или какви било активности со кои би им го загрозиле здравјето на граѓаните, изјави тој.
Петрушевски упати апел и молба до сите политички субјекти кои ќе учествуваат на изборите, со своите активности да овозможат фер и демократска изборна кампања и перфектно кредибилен изборен ден.
Никола Ивановски