Социјалдемократскиот сојуз на Македонија од утре под посебени здравствени протоколи за заштита од ширење на коронавирусот ја започнува предизборната кампања, најави денеска портпаролот на Општинската организација од Куманово Катерина Пешиќ Бошковска.
– Нашето делување го ставаме во заштита на нашето здравје и заедничката борба со коронавирусот. Сите партиски активности ги прилагодуваме на новите околности со цел да го заштитиме јавното здравје. За претстојната кампања која почнува од утре, СДСМ подготви здравствени протоколи кои ќе гарантираат безбедна кампања за здравјето на граѓаните, изјави Пешиќ Бошковска.
Сите присутни на јавен настан или состанок организиран од СДСМ ќе мора да носат заштитна маска и да одржуваат растојание од 2 метри.
– Групирањето е забрането, а бројот на присутни на јавни настани и средби ќе биде со строга контрола, со најмногу 50 лица на јавна локација и 30 лица во затворен простор, со задолжителна физичка дистанца. Кампањата ќе биде без митинзи и без активности од „врата до врата“. На овој начин го штитиме здравјето на граѓaните, а нашата изборна понуда ќе им ја доближиме на граѓаните преку онлајн и дигиталните алатки и начини на комуникација, рече портпаролот на кумановскиот огранок на партијата.
Во изминатиот период, додава Пешиќ Бошковска, сведоци бевме на несовесното однесување на ВМРО ДПМНЕ, како и непочитување на мерките за заштита.
– Во ваков чувствителен период за сите нас, не смееме да си дозволиме такви пропусти, мора строго да се придржуваме до мерките за заштита, со цел успешно реализирани , фер и демкоратски избори- за нашата иднина и иднината на нашата држава. Затоа, на 15 ти јули граѓаните ќе имаат едноставен и слободен избор, да продолжиме заедно кон иднината, да градиме, остваруваме, поправме и реализираме, оставајќи ги погубните политики на ВМРО онаму каде што и припаѓаат- во минатото, изјави таа.
Никола Ивановски