Куманово и уште 19 општини вечерва влегуваат под 80-часовен полициски час, откако таква одлука вчера на седница донесе Владата на Република Северна Македонија, по претходна препорака на Комисијата за заразни болести.
Освен Куманово 80 часа затворени дома ќе минат и жителите на десет скопски општини, Липково, Штип, Тетово, како и Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце. Полицискиот час во овие населени места вечерва ќе започне во 21 часот и ќе трае до понеделник до 05 часот наутро.
Причина е зголемениот број на случаи позитивни на Ковид-19, како и претстојниот празник Духовден.
Во сите останати градови, се забранува движење на сите граѓани од четврток (4 јуни) од 21:00 часот до петок (5 јуни) до 05:00 часот наутро, а во петок, сабота, недела во овие градови забраната започнува од 16:00 часот и трае до следниот ден до 05:00 часот наутро.
Во периодот од четврток (4 јуни) од 21:00 часот до понеделник (8 јуни) до 05:00 часот, се забранува посета на гробиштата на територијата на цела држава, освен за погреби.
Исклучоците од забраната за движење важат за полицијата, армијата, здравствените работници (во ЈЗУ и ПЗИ, како и матичните лекари) и за маркетите и рестораните кои вршат достава на производи, при што тие своите ангажмани ќе ги реализираат непречено.
Остануваат на важење сите издадени дозволи за движење за време на претходните забрани за движење кои беа воведени, особено за економските оператори и за работа организирана во смени.
Прошетката на милениците ќе биде во веќе востановените термини во периодите 08:00 до 8:30, 15:00 до 15.30 и 20:00 до 20:30 часот.
Забраната за движење не важи за лицата со попреченост и за нивните придружници доколку имаат соодветна документација.
Никола Ивановски