По долго време Јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ успеа да обезбеди нови две модерни возила за собирање и изнесување смет.
Како што рече градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски и покрај сите финансиски проблеми кои се наследени, претпријатието успеа со сопствени средства да обезбеди вакви возила.
– Овој тренд во јавното претпријатие ќе продолжи, го охрабрувам менаџерскиот тим да продолжи одговорно и домаќински да се однесува во делот на работењето, да ја врши својата намена да дава услуга на граѓаните а секако општината во рамки на своите можности ќе помогне за да застане на свои ноз. Обезбедени се две мали возила, средни за изнесување на смет, кои ќе се користат особено во деловите на градот каде што се потесни улиците и пристапот е ограничен, изјави градоначалникот Димитриевски.
Директорот на ЈП „Чистота и зеленило“ Даниел Стојчевски упати апел граѓаните да не ги паркираат своите возила непрописно затоа што тоа е најголем проблем во работата на комуналната служба.
– Обезбедивме од сопствени средства две нови возила, средни, кои беа неопходни во работата на јавното претпријатие. Ние располагаме со некаде со 15 автосмеќари меѓутоа се работи за поголеми возила при што имаме проблеми при извршување на работа поради неможност да влезат во помалите, потесните улици. Со овие две возила се надевам дека ќе ги задоволиме потребите на самите граѓани и би сакал да ја искористам оваа ситуација да упатам еден апел до граѓаните да не ги паркираат непрописно своите возила бидејќи тоа претставува најголем проблем во работењето на јавното претпријатие за да можат вработени непречено да си ги вршат своите работни обврски, изјави Стојчевски.
Инаку, Општина Куманово е влезена во програмата на Европската унија за трајно решавање на проблемот со комуналниот отпад и затворање на депонијата на локација Краста, каде што во рамките на заедничкиот проект со уште 15 општини во државата се планира изградба на фабрика за преработка на отпад, во реонот на општина Свети Николе.
Во рамките на проектот, како што рече градоначалникот Димитриевски се очекува во тековната година да се добијат поголем број на возила за изнесување на смет и контејнери кои ќе се користат во општината како директен грант од ЕУ.
Никола Ивановски