По вториот негативен контролен тест направен во Центарот за јавно здравје, градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски од денеска се враќа на своите работни обврски.
Преку објава на социјалната мрежа Фејсбук, Димитриевски вели дека е длабоко разочаран од изјавата на портпаролот на СДСМ и ја смета за избрзана и несреќна.
– Покрај политичка носиме и институционално – општествена одговорност кон граѓаните и јавноста кои не избираат по предлог на партиите. – Дебатата ќе ја водиме внатре во партијата. Сега е време за дејствување против епидемијата и помош на граѓаните. Постапката ќе покаже дека нема основ за кривично дело и дополнително ќе ги потврди сомнежите. Институционалната хајка која се води против мене и членовите на штабот изминатите денови за мене до овoj момент е неразбирлива. Не сакам ни да помислам дека некој во овие тешки моменти се поигрува со здравјето на моите сограѓани, води политика и креира црни сценарија за елиминација на неистомисленици, напиша Димитриевски.
Како што вели ќе остане посветен на борбата против пандемијата и секојдневните обврски за доброто на граѓаните.
– Уште еднаш ја повикувам директорката на Државниот здравствен и санитарен инспекторат и Министерот за здравство да го достави извештајот на увид на мене, штабот и јавноста, сепак тоа не е таен документ, напиша тој.
Инаку Димитриевски заработи и кривична пријава која вчера била процесирана од МВР до ОЈО Куманово, поради прекршување на решението за самоизолација, кога излегол со медицинско возило од дома за да направи тестирања за коронавирусот во приватна лабораторија.
Никола Ивановски