Сите стари, болни и изнемоштени граѓани на Општина Куманово кои вечерва не се снабдија со потребните намирници за претстојниот долг полициски час кој ќе трае од вечерва до понеделник, ќе добијат асистенција од локалната самоуправа.
Ова го најави и кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, кој вели дека треба да сме свесни и дисциплинирани и дека можеме да издржиме до понедленик.
– Треба да сме свесни и дисциплинирани можеме да издржиме до понеделник, тие што немаат можност да се снабдат со најнеопходното ќе добијат асистенција овие два дена, вели Димитриевски.
Во телефонски разговор за Кумановски Муабети градоначалникот рече дека ја разбира реакцијата на граѓаните дека доцна им е соопштено од надлежните, но апелира на смиреност.
– Одлуката за ограничување во движење е неопходна, треба сите да ја почитуваме за да се спречи пандемијата. Дали требаше да се најави, да секако, општинскиот штаб за заштита и спасување тоa го бара уште од 22 Март, тоа што поединци целово оваа време неодговорно се однесувсаат и не ги почитуваат препораките и мерките на штабот и Владата не доведува сите во сеопшта опасност од пандемија. Колективното здравје е приоритет број еден. Жалам за сето ова низ што поминуваме сите заедно. Апелирам на смиреност и без паника ќе го надминеме и ова. Целта е да го спречиме ширењето на вирусот, држете дистанца и останете дома, вели Димитриевски.
Сите граѓани кои имаат потреба од набавка на намирници да се јават на телефонските броеви 075 207 126 и 077 719 494. Вработени од општината ќе им ги набават сите потребни производи, граѓаните ги плаќаат самите, а асистенцијата е бесплатна.
Никола Ивановски