Будно ја следиме состојбата во Куманово, рече министерот за здравство Венко Филипче, на денешната прес конференција, откако во изминатото деноноќие во Куманово се регистрирани 23 нови случаи, а едно лице почина.
Зголемениот број на случаи, според министерот е резултат на интензивна работа и фактот дека во текот на изминатиот период биле земени многу повеќе материјали од граѓани на Куманово.
– Многу интензивно се работеше, се земаа многу материјали, многу повеќе во однос на претходните денови. Рано е да се каже дали е драматично зголемувањето или не, ќе ја следиме будно состојбата, изјави министерот.
ПОВРЗАНО:
Починатиот кумановец бил заразен од член на семејството
Запрашан за постојаните барања на Општина Куманово целиот град да се стави во карантин, министерот вели дека такви барања стигнуваат од повеќе општини, а одлуките се носат според проценките на епидемиолозите.
– Свесни сме за барањата, но стигнуваат од повеќе општини, одлуките ги носиме според проценки на епидемиолозите, на бројот на потврдени случаи каква е нивната релација во однос на кластери и извор на болеста, динамички ја следиме состојбата. Не би судел врз основа на денешните тестови дека може сега да се процени во која насока ќе оди детекцијата на случаите во Куманово, но будно ја пратиме состојбата, изјави министерот.
Никола Ивановски