Шеесет и шестгодишна жена од Струга е чертврта жртва на коронавирус во Македонија, информираат од Министерството за здравство.
Таа и нејзиниот сопруг се дијагностицирани позитивни на коронавирус во текот на вчерашниот ден, велат од министерството.
Пациентката имала срцева болест, хронична белодробна болест и покачен крвен притисок.
– Според епидемилошката анкета, семејството на починатата жена непосредно пред прогласувањето на кризната состојба во Дебар (13 Март) биле на гости во Дебар и имале контакт со еден од таму заболените доктори, а по сознанието дека и тој е позитивен на коронавирус, семејството било во домашна самоизолација, стои во соопштението од Министерството за здравство.
Откако се јавиле првите симптоми кај починатата, таа на 24 март закажала тестирање на коронавирус преку својот матичен лекар. Материјал за тестирање е земен на 26 март, а резултатите пристигнале во текот на вчерашниот ден.
– Заради нагло влошената состојба на пациентката, матичниот лекар уште веднаш препорачал хоспитализација на Инфективното одделение во охридската болница, но до добивањето на резултатите вчера, пациентката не е примена во болница. Заради ова, Министерството најавува целосно ревизија на случајот за да се утврди дали има лекарски пропуст во овој случај, велат од министерството.
Во текот на вчерашниот ден направено е тестрирање на персоналот на Клинката за кардиологија, сите тестови се негативни на Ковид-19.
Никола Ивановски