Продолжува изградбата на локалниот пат од кумановската населба Вера Которка до село Биљановце во должина од 2,045 километри, соопштија денеска, надлежните од одделението за комунални работи од општина Куманово.
Изградбата почна минатата есен и досега изграден е еден километар.
-Изградбата на патот ја спроведува кумановската фирма „Кооп Инжињеринг“. Над 17, 9 милиони денари обезбедува Агенцијата за финансиска поддршка за земјоделството, додека општина Куманово обезбедува 3, 2 милиони денари-изјави, помошникот раководител на одделението, Момчило Јовановски.
Досега жителите од двете населени места користеа пат кој само бил пробиен, изграден од локалното население.

Со изградбата на патот се очекува побезбено и поефикасно поврзување на двете населени места.
Идејата е во иднина, општина Куманово или преку сопствени средства или средства обезбедени од дополнителни фондови да продолжи со поврзувањето од село Биљановце до село Пчиња над клучката кај автопатот.
Секторите за урбанизам, за локален економски развој и комунална инфраструктура, минатата година подготвија апликација до Министерството за земјоделството, односно до Агенцијата за финансика поддршка во земјоделството и руралниот развој за мерката 3.2.1 за развој на јавна инфраструктура во рурални средини, односно под мерка инвестиции во локална патна инфраструктура за поврзување на две или повеќе населени места.
МИА

