Европските претставници го одложија почетокот на тригодишната мисија за проучување на планетите во другите соларни системи, помалку од еден час пред закажаното ракетно лансирање со сателитот.
Европската вселенска агенција (ЕСА) објави дека лансирањето на CHEOPS – CHaracterising ExOPlanets Satellite – телескоп за истражување на егзопланетите, закажано од вселенскиот центар Куру во француска Гвајана, ќе биде одложено за барем еден ден.
Директорот на Агенцијата за наука Гинтер Хасинџер на Твитер напиша дека причина за одложувањето е софтверска грешка во горната ракета Сојуз.
„Со толку сложена мисија, нема да се изложуваме на никакви ризици“, додаде Хасинџер, порачувајќи им на луѓето да ги „држат палците“ за во среда во исто време.
Мисијата ќе се фокусира на 100 од над 4.000 егзопланети кои се пронајдени досега, делумно за да се утврди дали има можност за постоење планета слична на Земјата каде животот е одржлив.
Дидиер Квелоз, швајцарски астроном и Нобеловец, изјави за АП:
“Ние сме единствениот планетарен систем меѓу многу други. Сето тоа има врска со нашето место во универзумот и обидувајќи се да го разбереме”.
Вселенскиот телескоп ќе ги анализира густините и радиусите на егзопланетите и ќе утврди дали тие имаат атмосфери, рече Квелоз.
„Ние не знаеме ништо друго освен дека тие се таму“, додаде тој.
Кога се позиционира, телескопот ќе биде насочен кон светли sвезди за да ја утврдат големината на егзопланетите додека минуваат пред своите sвезди.