Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска денеска во просториите на Здружението на пензионери во Куманово го образложи најновото покачување на пензиите кое треба да започне веќе од почетокот на 2020 година.

Како што рече Царовска, растот на пензиите се базира на растот на минималната и просечната плата.
– Ако тие параметри растат, нормално е да растат и пензиите во нашата држава. Тие ќе добијат околу 700 денари со она трето дополнително зголемување на пензиите, дополнително двете усогласувања со трошоци на живот кои им се законски гарантирани ќе останат и тие ќе си ги добијат, што со исплатата до јули би требало да добиеме покачување од 860 до 900 денари, изјави министерката Мила Царовска.

Фондот за пензиско и инвалидско осигурување годинава бележи раст на приходите за 10 отсто, што ќе им се дава на пензионерите, наместо да се чува како залиха во Фондот, појасни заменик директорот на установата Илија Ивановски.
– Прв пат после долго време Фондот не зема позајмици за исплата на пензиите, тоа се должи на зголемените приходи. Политиката на фондот е вкупниот број на приходи што се остваруваат да не ги чува во залиха, туку да се вратат кај пензионерите, тие тоа го заслужуваат и ова последно зголемување ќе допринесе за подобрување за нивниот животен стандард, изјави Ивановски.

Претседателкатана здружението на пензонерите Станка Трајкова, вели дека растот на пензиите освен што ќе се движи паралелно со порастот на платите, ќе се зема предвид и индексот на трошоците за живот.
– Би рекла и дека со ова најавено усогласување на пензиите се потврдува дека пензионерите не се запоставени, туку и за нив се води грижа за да се обезбеди подостоинствен живот и подобри услови за живеење и затоа пензионерите оваа мерка ја поддржуваат, рече таа.

За пензионерите од Куманово, како што кажа претседателот на локалното здружение, Благе Јакимовски, важно е здравјето, а тоа здравје треба да се поткрепи и со добри пензии.

Инаку на ваквите средби освен за растот на пензиите, како што потенцираше министерката Царовска, ќе се разговара и за останатите предизвици на пензионерите од секојдневниот живот, со цел Владата да се посвети за подобрување на нивниот стандард.