Претседателот на САД, Доналд Трамп, го пофали односот со турскиот лидер Реџеп Таип Ердоган, со кој се сретна во Белата куќа за надминување на растечките разлики меѓу двете земји.
Разликите се движат од политиката за Сирија до набавката на руски системи за противракетна одбрана на Турција, пренесува Ројтерс.
Топлото добредојде од Трамп на турскиот претседател доаѓа во време на протести во американскиот Конгрес поради офанзивата на Турција во Сирија за протерување на курдските милиции, главниот партнер на Вашингтон во борбата против Исламската држава, пренесува Ројтерс.
„Ние сме пријатели долго време, скоро од првиот ден. Ја разбираме земјата на другиот. Ние разбираме од каде доаѓаме“, му рече Трамп на Ердоган во Овалната канцеларија во Белата куќа.
„Тие се многу почитувани во нивната земја и регионот“, им рече Трамп на Ердоган и неговата сопруга Емина.
Говорејќи за Сирија, Трамп рече дека примирјето во таа земја е многу добро одржувано.
Трамп исто така им рече на новинарите дека односите меѓу САД и Турција се добри и дека неговата администрација разговара со Курдите, за кои се чини дека се задоволни, пренесе Ројтерс.
Американскиот претседател рече дека Ердоган и тој подоцна ќе разговараат за рускиот ракетен систем и за потенцијалниот билатерален трговски договор вреден 100 милијарди долари.
„Ќе разговараме и за трговски договор. Ние значително ќе ги прошириме трговските врски“, додаде Трамп.
Демонстрантите се собраа пред Белата куќа осудувајќи ја посетата на Ердоган и го повикуваат Трамп да ги заштити Курдите загрозени од турската офанзива во Сирија.