Првиот подводен музеј во Турција беше отворен на 31 октомври 2015 година, како дел од активностите на поморската стопанска комора ИМЕАК.
Сместен на дното на морето, на длабочина од 11 до 24 метри, во музејот моментно има 117 експонати кои зборуваат за богатото културно и историско наследство на Анадолија.
Музејот се наоѓа на еден и пол милји од брегот во Сиде, а посетителите исто така доживуваат и адреналински предизвик додека нуркаат со врвна опрема и се придружени со лиценцирани кустоси и нуркачи.
Во изминатите три години, Подводниот музеј во Сиде го посетија 50.000 луѓе, а пензионираниот командос на турската морнарица и еден од основачите на музејот, Ахмет Гулајдин, за Анадолија изјави дека музејот станал важна туристичка атракција за промовирање на Сиде како уникатна нуркачка оаза.
„Сиде е исклучително богата со подводни ресурси и атракции. Пред десет години, исто така потонавме и еден брод на крајбрежната стража. Околу пет милиони туристи доаѓаат на Сиде годишно. Сакавме да им понудиме на овие туристи нешто ново, нешто уникатно. Музејот беше поддржан од Западната медитеранска агенција за развој “, рече Гулајдин.
Скулптурите во музејот се однесуваат на повеќе теми што се важни во турската историја, вклучувајќи ја и Битката кај Галиполи, Мевлана и Дервиш танците, војната за независност на Турција и караваните со деви кои порано носеле жито од Сиде до Анкара и донесувале сол на Сиде.
Музејот на дното на морето, исто така, располага со цвеќиња за да ги одбележи страдањата на децата и луѓето загинати во Средоземното море за време на нивната миграција од Сирија.
Со 117 експонати, подводниот музеј во Сиде е втор по големина од ваков вид во светот, а најголем постои во Мексико, кој има 400 експонати.
„Сезоната за нуркање на Сиде е седум месеци годишно. Постојат три милиони овластени авантуристички нуркачи ширум светот кои главно ги посетуваат Малдиви, Египет, Бали, Тајланд или Мексико. Нашата цел е да ги донесеме на Сиде“, рече Гулајдин.
Тој рече дека посетителите најмногу внимание посветуваат на скулптурата на Посејдон, која тежи пет тони и висока три и пол метри, а како таква е најголемата изложба во музејот.
На прашањето која изложба е негова омилена, Гулајдин рече дека станува збор за сирена што ја нарачал според изгледот на неговата сопруга, која имала фобија од нуркање и која, откако ја поставил сирената, сепак решила да се соочи со нејзиниот страв и да се нурне во длабочините на морето.