Во Занаетчиски дом во Куманово денеска со почеток од 18:30 часот ќе се одржи промоција на книгата „90 години аероклуб во Куманово.
Оваа книга претставува уште едно дело од авторот Ѓорги Чачкиров, кое овој пат, претставува пионерски зафат и прво дело на полето на истражувањето и потврдувањето на традицијата и фактите за егзистирање на аероклубска воздухопловната традиција на територијата на државата и самиот град Куманово.
Авторот, Ѓорги Чачкиров е роден во Скопје, по професија е сообраќаен инженер – професионален пилот, кој од своите најрани години има зачекорено низ лавиринтите на македонското цивилно воздухопловство,… од моделарство, преку едриличатсво и моторно летање, до наставник за обука на пилоти и раководител на повеќе воздухопловни субјекти во Македонија.
Како дел од цивилната авијација дочека и пензионирање, но остана доследен кон пренесување знаења на помладите генерации и пошироката јавност.
Првата своја книга, која беше и прва воздухопловна литература на македонски јазик, ја има напишано во дамнешната 1981 г., под наслов „Воздухопловно моделарство“. Потоа, следеа и други негови книги кои го збогатуваа фондот на македонската воздухопловна литература,… можеби скромна, но единствена. Така и овој пат, и оваа книга претставува прво дело од ваков вид во Македонија.
– Во таа насока, а со лична помош на Никола Петковски, аероклубот Куманово и „Бониер“ од Куманово, кои се негова сопственост, денес имаме особено задоволство да го промовираме и ова ново дело. Како историско сеќавање и создавање аероклубска хронологија, посветена е на сите оние кои минувале низ кумановското аероклубско небо, но и за пошироката јавност и самиот град Куманово, информираат од клубот.
Во книгата се поместени низа фактографски податоци, од основањето на аероклубот во 1928 година до денес.
Покрај тоа, во неа се изнесени и низа сведочења илустрирани со вредни историски фотографии.