Ученици од осум основни училишта од градот денеска засадија дрво кое ќе го симболизира петвековниот јубилеј на Куманово.

Дабовото дрво го засадија во близина на споменикот „Жена борец“ на плоштадот „Маршал Тито“, а покрај него ќе биде поставена и посебна плоча на која ќе стои посветата за петвековниот роденден за градот.

Откако го засадија дрвото, учениците учествуваа на квизот „Колку го познавам својот град“ во фоајето на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“.
– Дрвото го засадија ученици од основни и средни училишта од нашиот град, кои сега во продолжение на оваа манифестација ќе земат учество во манифестацијата „Колку го познавам својот град“ и така да дадеме ние претставниците од основните и средните училишта еден мал допринос за овој голем јубилеј пет века Куманово, изјави Саша Николиќ, наставник по физичко и здравствено образование и еден од организаторите на настанот.

Прашањата се подготвени од наставниците по географија и историја од средните училишта, а вклучуваат и теми од општа култура. Истите се прилагодени на возраста на основците.
– Прашањата земаат поголем спектар ги подготвија професорите од средните училишта од нашиот град, професорите по историја и географија, има и прашања од општа култура кои се селектирани и одберени според возраста на учениците, затоа што во квизот учествуваат ученици кои се на возраст на 8 и 9 одделение, изјави Николиќ.
Квизот има забавен карактер, но и да се види колку навистина учениците го познаваат својот град и од минатото, и од сегашноста.
Повеќе фотографии во текот на денот на нашиот Инстаграм профил.