Градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски е прогласен за најдобар градоначалник според „Глобал локал“.
Тој ја доби оваа награда во рамките на официјалната програма на Светскиот конгрес на претприемачи што се одржа во Скопје под покровителство на Владата на Република Северна Македонија.
– Ние оваа година имаме чест и почестени сме сите кумановци да уживаме во датумот на пет века постоење на нашата општина, затоа посакувам не само на Општина Куманово, туку и на сите вас претставници на локални заедници, институции и држави кои вечерва сте тука, да доживеете многу вакви јубилеи. Општина Куманово е најголемата општина во Република Северна Македонија и она што нас не карактеризира е кумановскиот темперамент и шегобијност. Тука е најголемата фабрика на овој дел на југоисточна европа за заварени цевки и профили и верувам дека чевлите кои ги носите вечерва сите овде најголем дел се „Made in North Macedonia“ токму произведени во Куманово. Затоа уште еднаш сакам да ве потикнам сите вас локални лидери, да размислувате локално, а да се замислувате глобално следејќи ги светските трендови на патот до успехот, бидејќи само доколку сме заедно можеме да успееме на патот за развој на нашите заедници и нашите држави, изјави Димитриевски во своето обраќање на манифестацијата.
Проектот за промоција и наградување на најдобрите заедници и институции за креирање на добар амбиент за развој на претприемништво во Средна и Југоисточна Европа “Глобал Локал”, има за цел да ја подигне свеста за локалниот економски развој.

Во оценката за тоа која општина ќе биде избрана се гледаа резултатите од успешно одржување на развојот на општината, развојот на претприемништвото, што е пак основа за развој на заедницата.
За „Глобал Локал” од исклучително значење е развојот на претприемништвото за севкупен економски и општествен развој.

