Спој на традиционалното и модерното, на младоста и искуството, вака може да се опише извонредната изведба на претставата „Бегалка“ од Васил Иљоски со која вчеравечер кумановскиот театар го затвори 22то издание на Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедија“.
Интересна сценографија, текст прилагоден на модерното време во кое живееме, актерска екипа која е мешавина од искусни актери и нивни млади колеги, кои околу два часа мамеа насмевки и громогласни аплаузи од публиката.
Марко Трајковиќ кој во претставата ја игра улогата на Бошко, вели дека се водат по слоганот „Го почитуваме старото, отвораме пат за новото“.
– Мислам дека никој кој што дојде вечерва не очекуваше да ја види старата „Бегалка“, како што е поставена онаа култна која сите ние ја сакаме. Лично можам да кажам дека мене не ми беше предизвик никаков, мислам дека Бошко сум и јас приватно, па Бошко на сцена не ми е голем предизвик. Мило ми е што толку многу луѓе дојдоа и што имаа толку убави реакции, изјави Трајковиќ.
Прв пат на фестивалот „Денови на комедија“ годинава играше актерката Владанка Димковска која одлично се снајде во улогата на младата Ленче која пати од невозвратената љубов и одлучува да избега со својот сакан Бошко.
– Мислам дека создадовме една магична и поинаква претстава, градена во позитивна атмосфера со позитивни и квалитетни луѓе кои оставија дел од себе во претставата и баш поради тоа оваа претставата ќе остане на репертоарот во Куманово, бидејќи зборува многу за минатото, сегашното и иднината. Сакавме да постигнеме нешто безвременски, што ќе ги спои нештата, да зборува, да биде гласно, да буди и тага и радост и комични моменти и да го прикаже она култното во бегалката, изјави таа.
Одлична како и секогаш, младата Александра Михајловска според многумина беше многу најинтересна, играјќи го ликот на Донка. Своето задоволство не го криеше по крајот на претставата, која ја красеше громогласен аплауз.
– Имавме еден навистина голем предизвик пред нас, затоа што поставивме текст кој што е култен текст во Куманово, кој многу му значи на градот и многу кумановци го знаат на памет, ние сите ги знаеме репликите на сите ликови затоа што сме растеле со таа претстава некако и мислам дека и се надевам дека ете го оправдавме она што се очекуваше, но направивме нешто наше, нешто што е поврзано со оваа време кое го живееме сега и со овие карактери кои можеме сега да ги видиме на улиците на Куманово, изјави Михајловска.
По скоро две децении, на кумановската сцена повторно играше и маестралниот Тони Михајловски, кој во 1987 година, пред да замине на служење воен рок, на истата сцена како аматер ја играл улогата на Бошко во претстсвата „Бегалка“, а денес години подоцна се најде во улогата на строгиот Аџи Трајко.
– Тоа значи дека поминало многу време и сум остарел. Значи и дека доаѓаат нови сили во театарот посебно во кумановскиот. Ми беше прекрасно да ги запознам овие одлични луѓе, да ја споделам нивната одлична енергија, ова беше процес во кој што дишевме сите како едно, навистина бевме како семејство, немаше ниту еден негативен момент, немаше нешто што не влечеше назад, само одевме напред, заедно со режисерот и со целата екипа, вели Михајловски.
После подолго време гледаме претстава која е целосно на кумановски, вели актерот, кој на шега рече дека се надева оти ќе биде повикан повторно за 10-вековниот јубилеј на градот.
– Се надевам дека ќе го прескокнеме овој момент на 26-години несоработување и мислам дека што почесто доаѓам тука и јас се чувствувам поубаво. Тука ми е убаво, тука ми е младоста, се што сум минал, едноставно дома сум тука и сакам почесто да сум си тука, додаде Михајловски.
„Бегалка“ го затвори фестивалот „Денови на комедија“ кој годинава уриваше рекорди кога е во прашање посетеноста и интересот за билет повеќе. Директорот на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“, Сашо Тодоровски, изрази надеж дека фестивалот е успешен, а остава публиката да го каже последниот збор.
– Мислам дека со оваа претсава ќе има над 9.500 посетители, со што го уриваме рекордот што го поставивме минатата година и очекуваме следната година да имаме поуспешен фестивал. Просторот е 670 места, и идната година ќе биде тој, но можеби за следната година ќе ги ограничиме билетите, да се купуваат по четири билети најмногу или онлајн билети да пуштаме во продажба, тоа се можностите, изјави Тодоровски.
На 18ти месецов претсатавата „Бегалка“ ќе се игра во Театар Куманово, а билетите и за репризата се веќе распродадени. Втората реприза на претставата се очекува кон почетокот на ноември, но точниот датум се уште не е утврден.
Најдобра претстава според оценките од кумановската публика е на бугарскиот Сатиричен театар од Софија.