Времето денеска претпладне ќе биде сончево, а преку денот и понатаму многу топло. Од пладне на север и запад малку ќе се зголеми облачноста и во северните делови ќе започне да дува засилен северен ветер (повремено над 70 км/час), информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
Засилениот ветер, според синоптичарите на УХМР, попладне ќе се прошири вдолж Повардарието.
Минималните температури ќе се движат од 6 до 14, а максималните дневни ќе бидат во интервал од 27 до 35 степени.
Поради високите температури на југоистокот денеска се уште ќе биде активно жолтото ниво за опасност од високи температури.
Утре ќе настапи значителна промена на временската состојба.
Ќе преовладува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, претежно во западните делови, а ветерот повремено ќе засилува.
Дневната температура ќе опадне за околу 8 степени.
Во петок повторно ќе дува засилен северен ветер, а потоа во следните денови времето ќе биде стабилно со ниски утрински и дневни температури.