Со положување свежо цвеќе денеска пред споменикот Жена борец на плоштадот во Куманово свечено беше одбележан Денот на независноста, 8ми Септември.

Политички партии, невладини организации, здруженија на граѓани, училишта, претставници од Здружението на борци на НОБ и граѓани денеска пред споменикот положија свежо цвеќе.

Пред присутните се обрати градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски кој даде осврт на сите клучни датуми во 28-годишната независност од државата, при што истакна дека следува период на промени, процес на искажување и докажување на државнички, културни и цивилизациски и политички вредности.
– Период кога уште многу пати ќе испратиме тивка порака, но многу моќна, дека државата го зема своето место во големото европско семејство и си создава свој пат кон иднината. Ни претстојат големи предизвици и уште еден период во кој треба да докажеме дека оваа земја и овој народ и сите граѓани во Македонија, имаат сила и капацитет кои можат да ги носат и пренесуваат европските вредности. Доколку се обединиме пред иста визија за оваа земја, иднината во големото семејство каде што нашите права ќе бидат загарантирани и нашиот глас ќе добие сила, нашето сонце ќе светне посилно, рече Димитриевски, кој посочи дека ова е порака од мултиетничко Куманово.

Свеченоста беше збогатена со изведба на националната химна од кумановскиот оперски пејач Дарко Тодоровски, а со свој текст пред присутните се обрати матурантката Мартина Пауновиќ.

