Српскиот министер за образование, наука и технолошки развој Младен Шарчевиќ денеска беше во посета на ООУ „Браќа Рибар“ во кумановското село Табановце, каде освен на македонски и албански, настава се изведува и на српски јазик.

Министерот по посетата на Старо Нагоричане, во Табановце оствари средба и со кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, при што било разговарано за помош околу спортската сала во училиштето.
– Има работи кои можат да се решаваат, тоа се некои основни животни работи, еве тука е салата која треба да се направи, во другото училиште е греењето и мислам дека можеме да се договориме да земеме сите заедно учество, има тука и други начини, освен буџетите, онакви какви што се, и мојот и на градоначалникот, но за тоа ќе зборуваме. Формиравме тим кај нас во Министерството за дијаспора каде со луѓето од Македонија ќе се занимаваат за приоритетите кои не бараат преголеми вложувања и оние кои бараат среднорочни и долги вложувања, изјави Шарчевиќ.

Со македонскиот колега Арбер Адеми веќе биле остварени шест средби на кои се разговарало за меѓусебната соработка, при што потенцираше дека Србија ќе помогне за процесите на брза дигитализација, образование и наука, кои се дел од поглавјата на ЕУ, а кои српските власти веќе ги имаат затворено, за разлика од нас кои допрва тоа треба да го решаваме.
– Исто така поглавје 23 кое е многу важно, приближување на Северна Македонија за доближување на членството до ЕУ, подразбира решавање на прашањето со малцинствата, тука има цели закони, за учебници, преводи, прилагодување на српските автори до македонските. Министерот Адеми и јас ќе се видиме на 24ти во Брисел, истакна министерот Шарчевиќ.

До крајот на месецов, или почетокот на октомври во Србија ќе биде ратификуван и договорот за соработка на Македонија и Србија во областа на образованието и науката, кој од македонска страна веќе е ратификуван.

Инаку во Србија во девет училишта во пет општини, настава се одвива на македонски јазик.