Под слоганот „Покажи го твојот талент – нацртај и напиши“, утре со почеток во 11 часот во фоајето на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ ќе се одржи ликовна и литературна работилница.
Како што информираше директорот на НУЦК „Трајко Прокопиев“ Сашо Тодоровски, темата за творење ќе биде слободна со цел децата да го истакнат својот уметнички талент.
– Темата за пишување и сликање е слободна, а ќе можат да учествуваат деца над седумгодишна возраст. Доколку им биде потребна помош тука ќе бидат вработените од нашата стручна служба кои ќе ги насочат и ќе им помагаат, рече Тодоровски кој ги покани сите млади од Куманово да земат учество во оваа креативна работилница.
Цртежите, како што појасни директорот Тодоровски, ќе бидат изложени во самото фоаје, а сите учесници ќе добијат благодарници за своето творештво. Најдобрите три дела ќе бидат и наградени.