Со 93 милиони денари Владата на Република Северна Македонија ќе ги отплати долговите на АД Водостопанство, најави денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски при посетата на „Кумановско-липковско поле“.
Одлуката веќе минала на владина седница, а целта како што рече Димковски е да се овозможи целосно раздолжување на Водостопанство и негово нормално функционирање.
Од друга страна со директорот на АД Водостопанство „Кумановско-липковско поле“ Оливер Илиевски министерот разговарал за потребите кои претпријатието ќе ги има во текот на следната година.
– Она што се планира и е следно со АД Водостопанство знаеме дека сега во моментот функционира на една централизирана состојба е делот на овозможување и слобода на самите подржници да бидат во можност да менаџираат со средствата што ги собираат, со самото тоа одржувањето ќе биде многу полесно и затоа од тие причини ние веќе доставивме пред три-четири месеци како министерство листи до сите подружници со што од нив веќе се добиени повратни информации околу тоа се што им е неопходно за следната 2020 година околу резервни делови, градежни материјали и слично каде што би можеле ние преку јавни набавки ги набавиме и дистрибуираме до самите подружници се со цел поефикасно менаџирање, искористување на водата а секако и подобра услуга кон земјоделците, изјави министерот Димковски.
Според директорот Илиевски, ова е една од најсушните години до сега, меѓутоа дотурот на вода до ЈП „Водовод“ се одвива непречено.
– Инаку само да кажам дека бевме сведоци за една од најсушните сезони оваа година и успеавме целокупниот дотур на вода до јавното претпријатие Водовод Куманово да го спроведеме без пречки исто така имаше и целокупно наводнување на сите површини така што немаме ниту еден приговор стигнато до Водостопанство за неисполнети услови од наша страна, изјави Илиевски.
Како што додаде тој во тек е подготовка на техничка документација за изградба на Слупчанска брана која ќе покрие 1.500 хектари за наводнување, а ќе овозможи и дотур на постоечките капацитети на вода во браните Липково и Глажња.
Инаку, министерот Димковски е во целодневна посета на Куманово при што посети и неколку индустриски објекти, во пресрет на вечерашната седницата на Владата.