Вкупно 904 деца во Куманово од денеска го стартуваат својот образовен процес во основните училишта во градот.
Како што информираше градоначалникот Максим Димитриевски од училиштето „Карпош“ во селото Умин Дол, станува збор за шеесетина деца помалку од лани.
– Сакаме оттука да испратиме порака за поддршка на сите родители и на сите ученици коишто тргнуваат на училиште, особено во малите училишта коишто се лоцирани во селата, дека ние ќе продолжиме да работиме во соработка со Министерството за образование и наука за подобрување на работните услови во училиштата, а апел до родителите да се задржат тука каде што се да продолжиме заедно да создаваме твореме и за Македонија и за нашиот град, порача Димитриевски.
Бројката на ученици во континуитет е во опаѓање, вели градоначалникот, и додава дека политичарите и граѓаните треба заедно да бараат решение на проблемот.
– Политичарите не можат сами. Тие мора да заедно со граѓаните да продолжат да работат на сите полиња, а владата час поскоро да донесе стратегија со која што ќе се справиме за жал со морталитетот којшто постои, но и огромниот број на иселувањата во континуитет во последните 30 години. Ова училиште во минатото памти многу поубави денови кога се запишувале во прво оделение 30-40 ученици, зборувам за некои времиња пред триесетина години кога многу биле полоши условите за учење што значи не само условите туку првенствено огромната разлика и функционалноста на системите коишто постојат надвор и во државата, рече Димитриевски.
Како што истакна Александар Јовановиќ, раководител на Секторот за образование при Општина Куманово, проблем има и во средното образование, каде акцент е ставен на стручното, на штета на гимназиското образование каде бројот на уписи е се помал.
Бројот на наставници, вели тој се намалува исто така, со тоа што не се вработуваат нови, туку оние кои одат во пензија ги менува беќе постоечкиот кадар.
– Успеваме на места каде што заминуваат во пензија да пополнуваме и со дополнителни слободни изборни предмети така да сите наставници кои се на неопределено работно време остануваат да работат во Куманово. Паралелно на тоа се кратат вработувањата во однос ако замине некој наставник во пензија се пополнува со веќе постоечки наставен кадар, рече Јовановиќ.
Проблемот, вели тој, е најмногу миграцијата во западните земји, а тоа освен во руралните, веќе се чувствува и во централните училишта.
Во однос на стратегијата на Владата за едносменска настава, Јовановиќ потенцира дека во дел од училиштата тоа е невозможно да се изведе поради ограничен простор и голем број ученици, но се применува во руралните средини, а од оваа учебна година и во ООУ „Вук Караџиќ“.
Мирослав Димевски, директор на ООУ „Карпош“ во село Умин Дол, потенцираше дека годинава имаат 12 првачиња, шест од Умин Дол и шест во училиштето во Љубодраг.
– Техничките услови за работа се средени, прекрасни се може да се отпочне со наставата. учениците се спремни секогаш радосни затоа што секако училиштата се и нивни втори домови каде го поминуваат големиот дел од со денот во просториите и околу училиштето. Оваа година ќе направиме напори да направиме трпезарија во училиштето тоа е иницијатива на родителите затоа што сепак се наоѓаме во една рурална средина каде што немаат достапни продавници и маркети за исхрана така да ќе направиме напори да направиме една трпезарија каде што ќе можат учениците на одмори да седнат и да појадуваат, изјави директорот.
Во Куманово настава реализираат 16 основни училишта, четири средни општински, како и едно средно државно училиште.
Никола Ивановски