Вкупно 80 кумановци досега починале како последица на компликации предизвикани од коронавирусот со што Куманово е трет град според бројот на смртни случаи во државата, покажува интерактивната мапа gdi-sk.
Од досега регистрираните 862 смртни случаи, најмногу има на подрачјето на Скопје, вкупно 301 пациент, а на второ место со 97 смртни случаи е Тетово.
Од почетокот на пандемијата во Македонија се регистрирани вкупно 24.834 случаи, заклучно вчерашниот ден. Од нив 2.024 се од Куманово и Липково, со што градот е втор според бројот на заболени. Првото неславно место го зазема главниот град со рекордни 10.494 позитивни.
Сепак според процентот на заразени Куманово е на седмото место. Најголем процент на заразени според бројот на жители има Струга 4,7%, следуваат Дебар, со 4,69%, Штип со 3,5%, Гостивар со 3,16 отсто, Свети Николе со 3,11% и Куманово со 2,78 отсто.
Во Куманово од почетокот на пандемијата се оздравени 1.691 случај, а на подрачјето на целата држава 17.905.
Според бројот на активни случаи заклучно вчерашниот ден, Куманово е на 4то место од градовите со 253 случаи. Најмногу заболени има во Скопје – 2.960, следуваат Струмица со 369 и Тетово со 314.
Никола Ивановски