„The Culture Trip“ пишува дека Балканот е потценет регион кој има се, од прекрасни плажи до недопрени планини, од културни дестинации до археолошки паркови, и тоа двојно поевтино од другите познати туристички дестинации во Западна Европа.
Тие на своите читатели им препорачуваат што побрзо да се посети Балканот, и за нив издвоиле осум топ градови во овој дел од Европа, а меѓу нив се: Пиран – Словенија, Ровињ – Хрватска, Мостар – Босна и Херцеговина, Берат – Албанија, Нови Сад – Србија, Будва – Црна Гора, Призрен – Косово и Охрид – Македонија.
За Пиран велат дека е идеален за оние кои сакаат историја, култура и музеи, но им предлагаат на туристите да ја посетат и црквата „Свети Ѓорѓи“, од каде се пружа поглед и на Италија и на Хрватска.
– Ровињ има кристално чиста вода, преубави плажи, одлични ноќни клубови и ресторани, а идеално е место и за одмор и релаксација, пишува на сајтот.
Мостар е повторно изграден откако бил срушен во војната во деведесетите, а „The Culture Trip“ пишува дека најпознат е мостот по кој градот го добил и името.
За албанскиот Берат пишуваат дека е познат и како град со илјадници прозорци.
– Стариот град е карактеристичен по отоманските згради со браон кровови, бели фасади и мали прозорци, пишуваат на сајтот.
За Нови Сад велат дека е жив град кој секој јули е домаќин на најпознатиот фестивал на Балканот, „Егзит“.
– Ако барате кул место каде ќе го минете викендот, а да не потрошите богатство, Нови Сад е место за вас. Има одлични ресторани, забави секоја ноќ, мноштво културни места, католички и православни цркви, синагоги, музеи, мостови и уметнички галерии, пишува на сајтот.
Кога во прашање е Будва, нималку изненадувачки, се истакнува живиот ноќен живот, додека Призрен е опишан како град на тврдините.
За Охрид велат дека е преубав и сместен на едно од најстарите и најдлабоките езера, а на посетителите им предлагаат да ја посетат и црквата на „Свети Јован Канео“.