Владата на Република Северна Македонија го претстави најамбициозниот Оперативен план за вработување досега, вреден рекордни 40 милиони евра, со кој ќе бидат опфатени над 16.000 граѓани низ девет целосно насочени и темпирани мерки.
На денешната прес-конференција, портпаролката на Владата, Марија Митева, истакна дека овој план претставува не само економска програма, туку визија за иднината на државата.
„Понекогаш, најголемата инвестиција не е во бројки, туку во насоката во која како држава одлучуваме да се движиме. А кога таа насока се луѓето – тогаш тоа не е само план, туку визија“, порача Митева.
Две клучни мерки во фокусот
Прес-конференцијата беше посветена на детално претставување на две суштински мерки од планот: Поддршка за самовработување и Поддршка за креирање нови работни места.
Поддршка за самовработување
Оваа мерка е поделена во три категории:
Невработени лица до 29 години – опфат од 720 лица со неповратна финансиска поддршка од 615.000 денари.
Невработени лица над 29 години – опфат од 610 лица со поддршка од 430.000 денари.
Здружување во друштва со ограничена одговорност – опфат од 400 лица, со финансиска рамка од 861.000 до 1.230.000 денари, во зависност од возраста на содружниците.
Поддршка за креирање на нови работни места
Мерката е наменета за микро, мали и средни претпријатија, како и граѓански организации, и опфаќа 1.570 лица.
Посебен акцент е ставен на вработување на лица со попречености, каде се предвидува поддршка за 150 лица.
Премин од пасивна кон активна економска политика
Митева истакна дека овие мерки претставуваат политичка определба за промена на пристапот во економската поддршка – од пасивна контрола на невработеноста, кон активна мобилизација на човечкиот потенцијал.
„Самовработувањето не е само помош за поединецот – тоа е сигнал до целото општество дека не чекаме само инвеститори да ја спасат економијата. Ние ги охрабруваме луѓето да станат самите инвеститори во сопствената иднина“, рече таа.
Таа нагласи дека државата нема повеќе да дозволи ниту еден граѓанин со волја за работа и развој да биде игнориран.
„Овој план е само првиот доказ за тоа, и уверуваме дека нема да биде последен“, заклучи портпаролката.
Никола Ивановски