Глобалната криза со глад остави повеќе од 700 милиони луѓе несигурни кога или дали повторно ќе јадат, а побарувачката за храна незапирливо расте како што пресушуваат хуманитарните фондови, соопштија Обединетите нации.
Извршниот директор на Светската програма за храна, Синди Мекејн, во четвртокот пред Советот за безбедност на ОН изјави дека недостатокот на финансии ја принудил агенцијата да ги намали оброците за милиони луѓе и ќе мора да го направи тоа повторно.
Агенцијата проценува дека речиси 47 милиони луѓе во над 50 земји се на само еден чекор од глад, а се проценува дека околу 45 милиони деца на возраст под пет години сега страдаат од акутна неухранетост.
Повеќе од 345 милиони луѓе се соочуваат со високи нивоа на несигурност во храната оваа година, што е зголемување за речиси 200 милиони луѓе од почетокот на 2021 година пред пандемијата на коронавирус, соопшти агенцијата.
Синди Мекејн рече дека причината за зголемувањето на бројот на гладни луѓе е „смртоносната комбинација на конфликти, економски шокови, екстремни климатски промени и зголемување на цените на ѓубривата“.
Економските последици од пандемијата и војната во Украина ги турнаа цените на храната надвор од дофатот на милиони луѓе ширум светот во исто време кога високите цени на вештачките ѓубрива предизвикаа намалување на производството на пченка, ориз, соја и пченица, соопшти агенцијата.