Седумдесетгодишнината од формирањето на НАТО денеска беше одбележана пред градските базени во Куманово, во организација на Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата на Република Македонија.

Граѓаните имаа можност да проследат настап на воениот оркестар, беше изведена и познатата точка на припадниците на баталјонот за почести „Егзицир“, а имаше и изложба на воената опрема со која располага АРМ.

На настанот присуствуваше и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски, а пред присутните се обрати командантот на Здружената оперативна команда генерал мајор Павле Арсоски, кој истакна дека најважната стратешка определба на државата е пред остварување, а тоа е полноправно членство во НАТО Алијансата.
– Во животот секогаш постојат повеќе од еден избор и повеќе од едно решение, но во делот на надворешната политика и безбедноста на нашата татковина, од нејзиното осамостојување, па се до денес, зачленувањето во најмоќниот воено-политички сојуз на најнапредните демократии и најразвиените економии во светот, немало и нема друга алтернатива. Во таа смисла само ќе го повторам она што сите го знаеме, НАТО е воено-политичка алијанса на држави со заеднички вредносен систем во однос на демократијата, човековите слободи и права, на просперитет и слободна економија, рече Арсоски.

Во својата изјава за медиумите, министерката за одбрана Радмила Шекеринска истакна дека токму во неделата на НАТО, доаѓаат политичките и економските потврди колку членството во алијансата е важно, не само за безбедноста, туку и на економски план.
– Неодамна беше потврдено дека после долги години, понизок кредитен рејтинг успеавме како држава да го подобриме кредитниот рејтинг, што значи дека државата, фирмите и граѓаните ќе можат да добиваат средства по поповолни услови. Дополнително порастот на извозот, странските инвестиции, но и падот на невработеноста покажа дека кога државата прави вистински чекори на политички план, тоа веднаш носи и позитивни економски резултати, рече Шекеринска.

Министерката е убедена дека членството во НАТО ќе се случи оваа година, а дека и ќе се отпочнат преговорите за членство во Европската унија.
Повеќе фотографии во текот на денот на нашиот Инстаграм профил.