Територијалната противпожарна единица Куманово во текот на 2025 година реализирала вкупно 665 интервенции, што претставува значително зголемување во однос на претходната година.
Според податоците на ТППЕ Куманово, бројот на пожари е за околу 120 поголем од 2024 година, а најголем товар единицата го имала во летниот период, особено во јули.
Заменик командирот на ТППЕ Куманово, Борис Станковски, вели дека најголемиот дел од интервенциите биле пожари на отворен простор.
– Најголем дел беа на отворен простор, околу 370 интервенции имавме на отворен простор, на сообраќајни средства имавме 25 и на објекти имавме 104 интервенции. На овие бројки додаваме и технички интервенции кои изнесуваат вкупно 41 техничка интервенција. Најголема работа имавме во текот на месецот јули каде што имавме вкупно 140 интервенции само во тој месец од кои најголем број стрништа и на отворен простор, изјави Станковски.
Дел од пожарите, вели заменик командирот, биле особено тешки и долготрајни, при што интервенциите траеле и по неколку дена.
– Имаше два или три пожари кои траеја два или три дена. Во селото Бељаковце имавме таков голем пожар кој поради лошото време односно имаше многу ветер кој ни ја отежнуваше работата и со тоа и дополнително повеќе денови траеше пожарот. На тие пожари бевме со сите наши капацитети, имавме исто така и на тој пожар соработка и со другите општини општина Старо Нагоричане, општа Ранковце и пожарот после неколку дена беше успешно завршен, потенцираше тој.
Според Станковски, летните месеци традиционално се најкритични поради пожарите на стрништа, кои зафаќаат големи површини и бараат ангажман на повеќе екипи и возила.
– Особено во летните периоди, значи јуни, јули и август, најголем дел се пожари на стрништа кои зафаќаат многу голема површина со тоа ја оштетуваат и природата и на нас ни прават дополнителни проблеми, дополнителна работа каде што на некои пожари не можеме да покриеме со една екипа и со едно возило па упатуваме дополнително луѓе и дополнителни возила. Меѓутоа сите пожари се успешно завршени во 2025 година без некои поголеми последици по нашите возила и по нашите луѓе, изјави Стнаковски.

Заменик командирот ја оценува минатата година како добра и успешна, и покрај фактот дека се регистрирани 120 пожари повеќе од годината прехтодно.
ТППЕ Куманово, покрај територијата на општина Куманово, интервенира и во соседните општини кои немаат, или располагаат со минимални сопствени противпожарни капацитети.
– Општина липково нема своја пожарна единица, секој пожар кој ќе се случи таму или интервенција оди нашата екипа, а што се однесува до Старо Нагоричане кога ќе се случи таму пожар прво одат тие, доколку им треба помош бараат, не повикуваат нас и ние одиме исто и во општина Старо Нагоричане, рече тој.
Во текот на 2025 година, единицата доби и значително засилување на соствените капацитети за борба со пожарите.
– Добивме три возила, донација од Австрија, од покраината Тирол и се надеваме дека и оваа година ќе продолжи соработката и ќе добиеме уште возила и уште опрема. Ќе испратиме неколку наши луѓе на обука во австрија и со тоа ќе ги зајакнеме нашите капацитети, потенцираше Станковски.
Како следен чекор, планирано е формирање на доброволни противпожарни друштва, кои би помогнале за побрза и поефикасна реакција на терен.
Никола Ивановски

