50 отсто од тестираните во Куманово излегуваат позитивни, бројките на новозаболени брзо растат

Сподели со своите пријатели

Дури 50 отсто од оние што се тестираат на коронавирус во Центарот за јавно здравје во Куманово излегуваат со позитивни резултати, информираа денеска надлежните.

Епидемиолошката состојба во Куманово станува загрижувачка, а надлежните допрва очекуваат бројот на нови случаи да расте.

Како што информираше епидемиологот д-р Јадранка Стаменковска од Центарот за јавно здравје Куманово, од почетокот на август регистрирани се 886 позитивни лица, од кои скоро половина во последната недела.

– Само во последниот месец, од почетокот на август има вкупно 886 лица, од кои во последната недела 454 лица се регистрирани. 360 лица се регистрирнаи во Општина Куманово, осум лица од општината Старо Нагоричане и 68 во општинта Липково. Со само последните три дена веќе имаме 154 позитивни лица што станува збор за тренд на зголемување на бројот на заболени. Само за две недели промена на инциденца за 354%, изјави д-р Стаменковска.

 

д-р Јадранка Стаменковска, архива

 

Минатата недела починати се 16 лица од ковид-19 во кумановско, а бројот на активни случаи заклучно вчерашната статистика на Министерството за здравство изнесува 768.

Како што вели д-р Стаменковска, ако не се почитуваат мерките за заштита и апелите за вакцинација, оваа бројка ќе расте.

– Очекуваме доколку не се почитуваат мерките и препораката за масовна вакцинација за оние лица, кои не се вакцинирани да се вакцинираат во најкраток можен рок, бројот на новзоаболени и во текот на наредниот месец, наша проценка е дека ќе расте, вели д-р Стаменковска.

Кумановскиот епидемилог апелира да се почитуваат сите активни препораки од држење дистанца, одржување хигиена и вакцинација, од страна на целокупното население, но особено оние кои имаат хронични заболувања.

– Треба сите да се приджуваме, без разлика на делта сојот кој се покажа дека е многу поконтагиозен и особено оние што имаат хронични болести кои веќе боледуваат пред се од дијабет, хронични белодробни или срцеви заболувања, тие се под многу висок ризик, така да тука и смртноста може да се очекува да биде зголемена. Пред се почитување на мерките од страна на сите, како од најмладите така на сите возрасни групи, целото население и пред се вакцинацијата, изјави д-р Стаменковска.

 

 

Ако се погледне епидемиолошката состојба, има кластери во повеќе семејства, а сето тоа како резултат на семејни веселби на кои присуствувале или кај лица што биле на патување за време на лените одмори.

Д-р Дане Милошевски, началник на лабораторија при Центарот за јавно здравје Куманово, вели дека дури педесет отсто од тестовите што ги прават покажуваат позитивни резултати. Имаат зголемен обем на работа, но засега можат да одговорат на барањата на пациентите.

– За жал бројот на позитивни брзо расте, последните денови дури 50% од тестираните излегуваат позитивни, тоа е вистината. Спремни сме да одговориме и на поголем наплив на пациенти иако персоналот е исцрпен, работиме цело лето без одмор, ниту еден член од мојот тим нема користено одмор. Се надеваме дека ќе дојдат подобри времиња и ќе го искористиме, меѓутоа не се штедиме, во интерес на граѓаните ќе пружаме услуги до максимум, изјави д-р Милошевски.

Како што појаснува тој, бројката рапидно расте, а дневно се прават стотина ПЦР тестирања и од 150 до 250 брзи тестови.

– Сега за сега постигнуваме со барањата, резултатите ги даваме во истиот ден, се трудиме да биде што побрзо и поквалитетно. Резултатите во координација сме и со матичните лекари, постојано ги закачуваме на мој термин, видливи се и за пациентите и за матичните лекари, појаснува тој.

 

 

Пунктот за тестирање при Центарот за јавно здравје работи од понеделник до сабота, додека во недела има дежурна екипа само за брзи тестови за болницата, луѓе што патуваат или граѓани што сакаат да се истестираат приватно.

Во меѓувреме се исполнуваат болничките капацитети во Општа болница Куманово.

Како што информираше директорката Снежана Захариева Инфективното одделение е целосно исполнето и таму има 23 лежечки пациенти. Во модулнарната болница се хоспитализирани 46 лица и има осум слободни кревети.

Во дневната ковид болница по медицинска терапија дневно доаѓаат 50 лица позитивни на вирусот.

 

Никола Ивановски