Нешто над пет години, педесет и едногодишник од липковско Слупчане си добивал плата од Агенцијата за храна и ветеринарство Куманово, без да доаѓа на работа.
Поради него, денеска кривични пријави добија и тој, но и негови колеги кои тоа му го овозможиле.
– СВР Куманово поднесе кривична пријава против Р.Е.(51) од с.Слупчане, општина Липково, З.А.(59) од Скопје, Н.Б.(61) од Битола, А.Б.(59) од Скопје и С.К.(58) од Штип поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Како што појаснуваат од МВР, на 30.05.2024 била извршена контрола во просториите на Агенцијата за храна и ветеринарство-Подрачна единица Куманово и од извршениот увид во списоците за редовност било констатирано дека првопријавениот-вработен во Подрачната единица Куманово на работно место помлад референт-архивар, во периодот од 01.12.2018 до 30.04.2024 воопшто не доаѓал на работа, а редовно примал плата и придонеси од буџетски средства.
Второпријавениот З.А., вршител на должноста директор на Агенцијата за храна и ветеринарство до 14.12.2020, свесно дозволил првопријавениот да прима плата и придонеси иако не ги извршувал своите работни задачи.
Третопријавениот Н.Б., вршител на должноста директор во Агенцијата за храна и ветеринарство, од 15.12.2020 до 03.07.2024 дозволил да се продолжи со исплатата на плати на Р.Е., кој не се појавувал на работа во текот на целиот свој работен ангажман.
Четвртопријавениот А.Б., на работно место раководител на Одделение за финансиски прашања во Аагенцијата, во периодот од декември 2018 до април 2024 година, без да изврши соодветна проверка на редовноста, потпишувал финансиски извештаи и одобрил исплата на месечните плати и придонеси на првопријавениот иако не бил во списоците за присутност.
Петтопријавениот С.К., вработен како раководител на Одделение во агенцијата, од декември 2018 до април 2024 година не презел мерки за спречување на незаконитата состојба во врска со првопријавениот.
– Со ваквите дејствија на првопријавениот противправно му биле исплатени 1.159.081 денари, а државниот буџет бил оштетен за сума од 1.682.759 денари, велат од МВР.
Никола Ивановски