477 китови умреле откако се насукале на две оддалечени плажи во Нов Зеланд во последните денови, соопштија властите.
Ниту еден од насуканите китови не можел да биде вратен и сите или умреле по природен пат или беа еутаназирани, рече Дарен Гровер, извршен директор на Проект Јона, непрофитна група која помага да се спасат китовите.
Китовите се насукаа на островите Чатам, каде живеат околу 600 луѓе, а се наоѓаат на околу 800 километри источно од главните острови на Нов Зеланд.
Одделот за конзервација соопшти дека 232 китови се насукале на плажата Тупуанги во петокот и уште 245 во заливот Ваихере во понеделникот.
– Овие настани се тешки, предизвикувачки ситуации. Иако се работи за природни појави, сепак се тажни и тешки за оние кои помагаат – напиша Министерството за конзервација во објава на Фејсбук.
Гровер рече дека оддалечената локација и присуството на ајкули во околните води значат дека тие не можат да мобилизираат доброволци да се обидат да ги вратат китовите назад како што правеле во претходните ситуации, пренесува АП.
„Не можеме да ги вратиме китовите поради ризикот од напади на ајкули врз луѓето и самите китови, па евтаназијата беше најблагородната опција“, рече Дејв Лундквист, морски технички советник во одделот за заштита.