Од почетокот на годината полицијата во Куманово изрекла вкупно 375 казни на возачи на мотори, а најголем дел од прекршоците, како што информираат од Секторот за внатрешни работи Куманово, се регистрирани во јуни.
– Најмногу казни се издадени на возачи кои управуваат мотори без да поседуваат соодветна заштитна опрема, односно кацига. Највисоката изречена казна за прекршок на возачи на мотори е не поседување на сообраќајна дозвола – нерегистрирано, велат од кумановската полиција.
Просечната возраст на возачи на мотори, според статистиката, е од 14 до 30 години.
– СВР Куманово континуирано спроведува засилени акциски контроли и санкционирање на возачи на мотори доколку не ги почитуваат собраќајните правила и прописи, велат од полицијата.
Во однос на превентивни активности кои се однесуваат на учесници во сообраќајот мотоциклисти Отсекот за превенција во соработка со мото клуб „Мечки“ , Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата и Општинскиот совет во континуитет спроведува најразлични активности за подигање на свеста кај учесници во сообраќај мотоциклисти за важноста од носење на заштитна опрема како и почитување сообраќајни правила и прописи.
Меѓу активностите е и ревијално возење низ градот на членови на мотоклубот и граѓаните со заштитна опрема и правилно и безбедно движење .
– Со презентации на јавни места „ Безбедно на мотор“ и сообраќајни поуки кои се одржуваат на две недели и делење на рекламен материјал во сите населени места. Исто така преку училишни сообраќајни единици се врши едукација на младите за правилно ,безбедно и законско учество во сообраќајот по навршување на 16 години. Едукативно се работи со млади кои ќе се затекнат на јавни места. Безбедносни пораки и совети се постираат на фан страната на ОСБСП Куманово, велат од СВР Куманово.
Во активностите, додаваат оттаму, се вклучени и Општинската организација на Црвен крст Куманово, со показни вежби на различни локации за последици при пад од мотор кога не се носи заштитна опрема како и укажување на прва помош при повреди по пад од мотор.
Никола Ивановски / фото: архива