Вкупно 27 литри воден талог на метар квадратен наврнале на територијата на Куманово во текот на изминатото деноноќие, покажуваат податоците на Управата за хидрометеоролошки работи.
Најмногу дожд имало во Крушево, дури 47 литри на метар квадратен.
Во текот на ноќта времето беше облачно со врнежи од дожд поинтензивни во западните делови и во пошироко Повардарие. Утринава врнежи има насекаде, а на места поинтензивни. Дува слаб до умерен претежно југоисточен ветер.
Во текот на денот во Македонија ќе имаме облачно, свежо и врнежливо време. Наместа врнежите ќе имаат пороен карактер.
Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец. Врнежите ќе престануваат во вечерните часови.
Максималната температура ќе биде во интервал од 11 до 17 степени.
Во Куманово и околината денеска ќе имаме претежно облачно време со врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југозападен правец. Температурата ќе се движи од 6 степени во утринските часови, до максимални 14 во текот на денот.
Како што додаваат од УХМР, во ноќта кон сабота облачноста ќе се намали и од сабота следува период на стабилно време со пораст на дневната температура.
Утринските температури за време на викендот ќе бидат над нулата, а потоа само понекаде ќе се спуштаат и до некој степен под нулата.
Никола Ивановски