Денеска се навршија 27 години од масакрот во Сребреница, познат и како Геноцидот во Сребреница кој бил извршен во периодот од 11. до 23. јули 1995. година во текот на Граѓанската војна во БиХ од страна на војската на босанските срби, и се состоел од убиство на над 8.000 босански муслимани, претежно мажи, во и околу Сребреница, БиХ.
Покрај војската на босанските срби, предводена од генерал Ратко Младиќ, во масакрот учествувале и паравоени единици од Србија познати како шкорпии, кои работеле под контрола на Министерството за внатрешни работи на Србија до 1991.
Повеќето убиени биле мажи на возраст од 18-60 години, но помеѓу жртвите имало и деца под 15 години, старци и жени, па дури и бебиња.
Масакрот во Сребреница е најголемо масовно убиство во Европа по Втората светска војна. Во 2004. година, Меѓународниот суд за воени злосторства во поранешна Југославија (МСПЈ) едногласно пресудил дека масакрот во Сребреница бил геноцид.
Прелиминарниот список на исчезнати или загинати во Сребреница составен од федералната комисија на БиХ содржел 8.372 имиња, од кои околку 500 биле под 18 години, и вклучувал неколку десетици жени и девојки.
До јули 2009, 6.186 жртви биле идентификувани преку ДНК анализа, а 3.125 се погребани во меморијалниот центар. До 1 мај 2009. се откриени 6.006 тела.
Сепак, никој со сигурност не го знае конечниот број на убиени, бидејќи таква евиденција не постоела, а убиените се закопувани во групни неозначени гробници ширум регионот. Последната масовна гробница досега (јули 2009.) е откриена во мај 2009.