Во текот на изминатата недела во Куманово се забележува благ пораст на бројот на заболени од грип и слични состојби, информира д-р Јадранка Стаменковска од Центарот за јавно здравје.
– Во текот на минатата недела се пријавени 26 заболени од грип или слични состојби на грип, меѓутоа тоа е лесно зголемување во однос на минатата недела, претходната недела 11 случаи. Така да очекуваме во наредниот период, особено во месеците јануари и февруари, најголема активност на вирусот на грип, изјави д-р Стаменковска.
Таа посочи дека состојбата се следи континуирано преку групно неделно пријавување од матичните лекари, инфективното и детското одделение.
– Најзастапена е онаа возрасна група од 25 до 64 години. Понатаму очекуваме дека тоа и ќе се менува, особено кај децата, кога по зимскиот распуст очекуваме најголем број на ученици да ни се јавуваат, додаде таа.
Според неа, вакцинацијата останува најдобра заштита од грипот.
– Вакцинацијата претставува најдобра заштита од грипот. За таа цел Центарот за јавно здравје и оваа година има вакцинирано досега 2.800 лица, што претставува најголем број досега дадени вакцини,“ рече д-р Стаменковска.
Како што додава таа, најголем интерес покажуваат лицата над 65 години и оние со хронични заболувања.
– Интересот се уште е голем, се пријавуваат лицата и очекуваме дека доколку има интерес ќе добиеме и дополнителни количини на вакцини, истакна таа.
Д-р Стаменковска најави дека „во текот на денешниот и утрешниот ден исто така има закажани пациенти, а во утрешниот ден очекуваме да пристигнат и комерцијалните вакцини коишто ќе бидат наменети за оние лица кои не ги опфаќаат овие категории.“
Таа информираше и дека засега нема пријавени случаи на ковид-19.
– Во текот на овие недели немаме случај на пријавени на САРС-КоВ-2 во нашата лабораторија, меѓутоа тоа е можеби некоја слична состојба, значи како ковид или од риновируси и од други респираторни вируси, меѓутоа официјално пријава на ковид немаме пристигнато, посочи д-р Стаменковска.
Никола Ивановски

