Тринаесет литри воден талог паднале на подрачјето на Куманово во текот на изминатото деноноќие, покажуваат мерењата на Управата за хидрометеоролошки работи.
По вчерашните врнежи, како што информираат денеска од Регионалниот центар за управување со кризи, едно лице од селото Черкези пријавило дека му бил поплавен домот.
Во текот на ноќта времето беше променливо облачно, на северозапад со локален дожд. Утрово е сончево со мала до умерена облачност.
Низ Македонија денеска претпладне времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност, од пладне нестабилно со локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
На места ќе има поинтензивни процеси во форма на краткотрајно невреме со силен ветер и изолирана појава на град, велат од УХМР.
Максималната температура ќе биде во интервал од 21 до 27 степени.
Во Куманово и околината денеска ќе имаме сончево претпладне со услови за дожд и грмотевици во попладневните часови.
За Куманово денеска се издадени две жолти метео предупредувања за опасност од невреме со грмотевици и за обилен дожд.
Утринската температура ќе се движи околу 12 степени, а дневниот максимум се очекува да достигне 24 степени целзиусови.
Нестабилното време ќе продолжи и во следните денови.
Никола Ивановски