2.440 семејства користат додаток за трето, а 84 за четврто дете во кумановско

Сподели со своите пријатели

Вкупно 2.440 семејства користат родителски додаток за трето, односно 84 за четврто дете во општините Куманово, Липково и Старо Нагоричане.

Loading...

Најмногу приматели на ваква помош има во Куманово, поточно 1.612, следува Липково со 764 семејства кои имаат три деца, а најмалку или 64 семејства на територијата на Старо Нагоричане.

Како што информираше денеска директорката на Центарот за социјална работа Куманово, Алексадра Арсовска, почнат е приемот на барања за продолжување на користење на овие права.

– Со барањето кое можат да го земат во Центарот, односно кај стручно лице треба да ги достават и следните документи: барањето треба да го поднесе носителот на правото лично и со себе да носи на увид лична карта, доказ дека не му е одземено родителското право над децата кој го издава надлежниот суд, доказ за примени вакцини и потврда од училиште дека детето е запишано во училиште и редовно ја следи наставата, потенцираше Арсовска.

Новина во работењето на Центарот за социјална работа Куманово, кој ги опфаѓа и соседните општини Липково и Старо Нагоричане, е интегрираното водење на случаите, со нова организација на работата.

– Интегрираното водење на предмети значи дека сега корисниците на правата за сите права се обраќаат кај еден стручен работник во зависност од адресата на нивното постојано место на живеење. Интегрираното водење на предмети се покажа мошне позитивно како за корисниците, така и за администрирањето на правата бидејќи корисниците повеќе не поднесуваат барања на неколку различни места со што повеќе немаат трошоци за поднесување на барања и остварување на правата, појаснува директорката Арсовска.

На пример, одредено домаќинство кое живее во село кое е дел од Општина Липково, за сите права за социјална заштита ќе треба да се обрати кај едно стручно лице во канцеларијата во тамошната општина.

– Таму работата на ЦСР е поделена на 6 територии и два оддели Матејче и околните села и Слупчане и околните села. Во ЦСР Куманово имаме поделба на 12 територии и една канцеларија која работи и ги администрира сите права на жителите на Општина Старо Нагоричане. Интегрираното водење на предмети веќе покажува позитивни резултати во работата и на самата институција со што ако претходно доколку едно домаќинство користи пет права, пет службени лица имаа обрска да го посетат истото домаќинство, промените кои се случуваат во истото да се ажурира на повеќе места, додава директорката Арсовска.

Loading...

Како што додаде директорката, има домаќинства кои користат и повеќе од пет права од социјална заштита, но голем е бројот на оние кои користат три права.

Инаку, корисниците на родителски додаток за трето дете ќе добиваат месечно по 8.362 денари, а оние со четврто дете 11.706 денари.

Никола Ивановски

Leave a Reply