19 лица загинаа, а 25 се повредени во автобуска несреќа во Непал

Сподели со своите пријатели

Деветнаесет лица загинаа, а 25 се повредени во Непал рано утрово кога преполн автобус се урна од планински автопат, соопшти полицијата.

Автобусот превезувал патници од градот Покара до главниот град Катманду.

Возилото слетало од автопатот Притви околу полноќ, на бреговите на реката Тришули, во близина на градот Бенигат, кој се наоѓа на околу 80 километри од главниот град.

Меѓу загинатите е и 24-годишен британски државјанин, соопшти полицијата на округот Дадинга. Досега се идентификувани само девет тела.

Кинеската новинска агенција Синхуа објави дека меѓу загинатите е и еден кинески државјанин.

Спасувачите брзо стигнале на местото на несреќата и ги извлекле повредените од смачканиот автобус и ги префрлиле во болница, изјави државниот службеник Мохан Прасад Неупане.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Лукашенко: Силата на белоруските вооружени сили е клучот за мирната иднина на земјата

Полицијата ја истражува причината за несреќата.

Според агенцијата АП, автобуските несреќи во Непал се чести главно поради лошо одржуваните патишта и возила. Поголемиот дел од таа хималајска земја е покриен со планини и е поврзан само со тесни патишта.