Царинските службеници од граничниот премин Табановце вчера спречија обид за шверц на 18 килограми марихуана, информираат од Царинската управа на Република Македонија.

Вчера околу 6:00 часот наутро, на граничен премин Табановце за излез од Република Македонија се пријавило патничко моторно возило со албански регистарски ознаки, сопственост и управувано од лицето П. Ш., албански државјанин. На прашање на царинските службеници дали има нешто да пријави одговорил дека нема ништо за пријавување, но и покрај тоа бил селектиран за контрола. При прегледот во багажниот простор од возилото била пронајдена плинска боца во која биле сокриени 15 вакумирани пакетчиња облепени со проѕирна селотејп трака наполети со марихуана со вкупна тежина од околу 18 килограми.


