Општина Куманово за годинава одвои 14 милиони денари за настани и манифестации од областа на културата, соопштија денеска надлежните од секторот.
Оваа година предвидено е да се одржат 60-тина манифестации кои се наменети за различни категории граѓани.
Програмата е слична како и претходните години, со тоа што годинава акцент е ставен на младите, опфатени се манифестации за одбележување на празниците на заедниците, државните празници, традиционалните манифестации од поголем обем на кои покровител е општината.
– Сепак, поради пандемијата, свесни сме дека дел од манифестациите ќе се одржат во помал обем или воопшти нема да се одржат. Организаторите поднеле барање до секторот и ние ги вметнавме во програмата, во кој обем и како ќе бидат организирани сè уште не се знае. На крајот во годишната програма стои дека доколку манифестацијата не се одржи, тогаш финансиските средства се пренаменуваат и ставаат во т.н. резерва за да можат некои други манифестации кои не се предвидени во програмата да се одржат-изјави, овластениот раководител на секторот, Цоки Ристовски.
Во програмата има и други ставки како што се поддршка на млади, на млади таленти, публикации, за одржување на спомен обележјата во надлежност на општината, средства се определени за културно-уметнички друштва.
Оваа година предвидена е изработка на графити и мурали, фестивали и културно лето, кои се наменети за младите.